Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска потпиша четири нови регионални проекти на ФАО, во вкупен износ од 1.5 милиони американски долари.

„Овие проекти се голем придонес кон решавање на актуелните прашања во регионот и подобра координација во справување со заедничките проблеми. Приближувајќи ги иновативните меѓународни практики и глобалните стандарди, ФАО во наредниот период ќе ни помогне да ги оствариме целите предвидени во стратешките документи, како и законските обврски, и успешно да ги спроведеме мерките во програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој“, изјави Николовски.

Првиот Проект е насочен кон подобрување на контролата на штетници на растенија и системот за фито-санитарна сертификација и предвидува низа специјализирани обуки за сите чинители во фитосанитарниот систем. За вториот Проект, итно справување со Африканска свинска чума на Балканот, е многу важно навременото вклучување на Република Македонија како дел од регионот каде се појави оваа сериозна болест. Третиот регионален проект со кој ќе се развива Стратегија за намалување на загуби и отпад од храна, доаѓа во вистинско време и се совпаѓа со еден од стратешките приоритети на Владата на Република Македонија. Последниот Проект е во областа на рибарството и аквакултурата и овозможува помош во креирањето на политиките во рибарството, преку согледување на моменталните состојбите, проценка на постоечките практики, нивна усогласеност со добрите меѓународни практики и нивен понатамошен развој.

Отпочнувањето на овие проектите е планирано во првите месеци од 2019 година, а МЗШВ и сите вклучени институции ќе ги стават на располагање потребните ресурси, за да се обезбеди не само успешно спроведување на овие проекти, туку и одржливост на сите преземените мерки, по нивно завршување

Република Македонија и ФАО имаат долгогодишна успешна соработка, заснована на бројни проекти и програми, кои се од голема помош во процесот на трансформација на земјоделството и неговото прилагодување кон политиките и стандардите на Европската Унија. Во јули годинава, Република Македонија ја потпиша Програмската рамка со Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) за периодот 2018 – 2020 година, со која се поставуваат приоритетните области за Владата на Република Македонија.

На универзитетот во Вроцлав, Полска, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов имаше средба со студентите по македонски јазик на студиите по славистика.

Иванов се сретна и со ректорот Адам Јес Јежиерски, како и со полскиот академик- македонист Јан Соколовски. Македонскиот претседател одржа и предавање на оваа висока образовна установа основана во 19 век.

Универзитетот во Вролцлав е познат на нашата јавност по промоцијата на академик Блаже Коневски за почесен доктор на науки, но, и по славистичките студии, кои се дел од годишниот семинар по македонистика во Охрид.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествува на Самитот на шефови на влади на Централно Европската Иницијатива во Загреб, чијшто домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

На Самитот, чијшто фокус се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот, се претставници од 18 земји членки, меѓу кои и премиерите на Албанија и на Словачка, а на Самитот се присутни и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Премиерот Заев, во обраќањето испрати порака дека Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој.

„Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, низ добрососедски односи, и во овој контекст, постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот“ рече премиерот Заев.

Тој ги посочи договорите со Бугарија и со Грција како важни во оваа насока и во обраќањето упати благодарност до бугарскиот и до грчкиот премиер, Бојко Борисов и Алексис Ципрас за придонесот во стабилизацијата на билатералните односи со Македонија, што придонесува и кон стабилизацијата во регионални рамки.

На Самитот, посебно е нагласена важноста на економското поврзување на државите како и придонесот на земјите во справувањето со мигрантската криза.

„Македонија е европска земја и во географска и во политичка смисла. Преку неодамнешната бегалска криза, покажавме дека сме сигурен партнер во справувањето со безбедносните предизвици на Европа. Она што е значајно, е тесна соработка и координација за заштита на границите. Во овој момент и почитувајќи го присуството на комесарот Хан, би сакал да потврдам декаМакедонија останува близок партнер на земјите со коишто веќе успеавме да оствариме успешна билатерална соработка како и во стратешките чекори на овој план“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во врска со економската соработка, рече дека таа е важен сегмент од евроатланска интеграција на Македонија и на регионот.

„Нашата економија е главно поврзана со економиите на ЕУ и економиите од Западен Балкан. Напредокот во интеграцијата во ЕУ и НАТО носи поволни економски резултати. Јас сум и повеќе уверен дека сме на вистинскиот пат и за вашата поддршка и разбирање за ова. Реформите што ги правиме на домашниот план се насочени кон воспоставување демократска клима што ќе ја олесни фер конкуренцијата. Исто така, ги вклучуваме и бизнис и научните заедници во дизајнирањето на нашата долгорочна стратегија за меѓусебна поврзаност. Во напорите да одговориме на идните предизвици, ние особено треба да се фокусираме на прашањата на науката и младите, затоа што континуирано ширење на знаењето е предуслов за напредокот. Затоа, ние целосно го поддржуваме акцентот на науката и шансите за младите“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, ја поздрави одлуката на Италија, да го преземе претседавањето со ЦЕИ во наредната година 2019 година и изрази уверување дека земјата ќе продолжи да има улога на силен поддржувач на проширувањето и интеграцијата на ЕУ.

Тој ја поздрави и улогата на ЕБРД во напорите за клучни решенија за стратегиски прашања во транспортот и енергетска меѓусебна поврзаност.

Сите други говорници, како и еврокомесарот Хан, испратија пораки за важноста на стабилноста и на економската поврзаност, и посебно на регионалната соработка, како важни за просперитетот на државите, нивните интеграции во ЕУ и за самата Европа.

Премиерот Заев во Загреб е придружуван од владина делегација во состав: Кире Наумов, заменик министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во МНР и советници.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес имаше свое обраќање на финалната конференција за вмрежување „Женското претприемништво и предизвиците за интеграција во ЕУ“, која се одржува во хотелот Холидеј Ин, во Скопје, организирана од Националниот совет за женско претприемништво во рамки на прославата на Светскиот ден за женско претприемништво.

Министерката Апостолска осврнувајќи се на владините економски политики за поддршка и потикнување на претприемништвото, нагласи дека владината определба за позитивни економски резултати, за остварување на одржлив раст и развој дава еднакви можности за сите бизнис иницијативи, вклучувајќи ги и жените претприемачи.

„Како Влада сме определени да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани, да ја направиме земјава привлечна за инвеститорите, да изградиме поволна бизнис клима и да дадеме поддршка за развој на претприемачкиот потенцијал. Овие владини заложби во водењето на економските политики ќе дадат свои позитивни рефлексии и врз економското јакнење на жените претприемачи“, рече министерката Апостолска, притоа нагласувајќи дека со „Стратегијата за женско претпримеништво 2019-2023 година“, која е во владина процедура на финално усвојување, се конкретизираат определбите за поттикнување и поддршка на женското претприемништво.

Министерката Апостолска зборувајќи за владините економски политики за поддршка на инвестициите, дел преточени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а дел реализирани преку програмите на Фондот за инвовации, истакна дека истите тие имаат значајни импликации за отстранување на една од пречките кои го отежнуваат јакнењето на женското претприемништво, а тоа е пристапот до финансии за компаниите.

„Пристапноста на финансиските средства преку овој сет на владини мерки, преку своите јасно поставени критериуми, со транспарентни постапки, може да биде доволно инспиративно и мотивирачки за жените претприемачи своите бизниси да ги прошируваат и надоградуваат со нови инвестиции“, рече Апостолска.

Осврнувајќи се на поддршката за економијата која Владата на Република Македонија ја проектира со Буџетот за 2019 година, министерката Апостолска потенцираше дека поддршката за нови инвестиции и за претприемништвото во земјава се зголемува за 37% во однос на ребалансот за 2018 година.

Сточарството изминативе години беше запоставено и затоа овој период сме насочени кон креирање на нови мерки и политики за развој на оваа земјоделска гранка, порача на денешната средба со сточарите во Берово, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

На средбата министерот Николовски ги образложи актуелните состојби во сточарството, како и мерките на МЗШВ за поддршка на овој сектор. При тоа најави дека од следната година односно со Програмата за рурален развој 2019 година, се планира зголемување на сумата за мерката 121 „Набавка на приплоден добиток“ , од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари или околу еден милион евра. Дополнително ќе се работи на промени во Правилникот за оваа мерка со цел да биде подостапна за сточарите .

„ Оваа мерка ќе придонесе обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Падот на бројките во сточарството мора да го сопреме и потоа заеднички да со вас сточарите да работиме на соодветни мерки за развој на оваа гранка. Сметам дека е еден од најважните сектори во земјоделството и затоа во следниот период силно ќе се фокусираме на нови мерки и политики. За прв пат објавивме наменски оглас за државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хекатри за сточари за производство на добиточна храна, за следната година се планирани 600 илајди евра за колектори за струја на бачилата со овци, а паралелно работиме и на други мерки , како што е новиот, Законотза пасишта, измени на Законот за државно земјиште и други“, истакна министерот Николовски .

Тој додаде дека развој на сточарството е во фокус на активностите на министерството, што се гледа и по критериумите одредени за мерката „Млад земјоделец“, според кои предност имаат токму младите сточари. Паралелно, МЗШВ активно работи на изработка на нов Закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Со новиот закон по речиси 20 години ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата согласно со нивната намена.

Во годинешната Програма за директни плаќања за 10 отсто е зголемена субвенција по грло за сточарите со развоен потенцијал. Исто така се воведоа нови мерки во сточарството, како што се дополлнителни директни плаќања за уматичен грло-маторица, со цел подобрување на генитскиот потeнцијал и зголемување на производството на свињите, и дополнителни директни плаќања од 30% за зголемен пријавен број на грла во основно стадо, несилки и пчелни семејства.

На денешната средба на која што освен сточари, присуствуваа и други земјоделци, министерот Николовски ги информираше за мерки на кои во моментов работи МЗШВ, за новиот Буџет за 2019 година, како и за законите кои се во процедура.

Освен министерот, на средбата во Берово присуствуваа и директорот за стопанисување со пасишта, Љуљзим Фејзулаи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски

Нема да има додаток за трето дете секој месец, туку само еднократна парична помош. Ако досега овие семејства добиваа по 8000 денари месечно или околу 15.500 евра за 10 години колку што важеше мерката во иднина само еднаш ќе земат 1000 евра од државата. Министерката за труд и социјала иако тврди дека паричниот надоместок не се укинува туку се трансформира, сепак драстична е разликата во помошта за трето дете.

-Таа политика беше за зголемување на наталитетот, јас ви тврдам дека наталитетот е ннамален и самата мерка нема никаков ефект врз наталитетот, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Додатокот за трето и четврто дете беше воведен од Владата на ВМРО ДПМНЕ во 2009 година. Оние 26.000 семејства кои добиле трет член во семејството ќе продолжат да земаат 8000 денари месечно се до 10-тата година. Старата мерка ќе ги опфати и брачните парови ако им се роди трето дете во наредните 10 месеци од донесување на законските измени кои се во процедура. Во иднина државата ќе дава еднократна парична помош и за прво дете 5000 и за второ дете 20.000 денари.

Обвинители на Специјалното јавно обвинителство, како што потврдија оттаму, денеска се влезени во фирми на повеќе лица, меѓу кои и на бизнисменот Орце Камчев. Повеќе детали околу претресот се очекуваат во текот на денот.

Камчев пред две години беше повикан на распит во СЈО, но од Обвинителството тогаш не кажа во кое својство и за кој случај е повикан.

Собранието на Република Македонија денеска не му го одзеде мандатот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. „За“ предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на имунитетот гласаа 58 пратеници, а 27 беа против.

Собраниската Комисија со мнозинство гласови во средата го препорача да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

Денешната одлука на пратениците да му го одземе мандатот на Груевски не го одложува извршувањето на казната.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера требаше да се јави на издржување на затворската казна. Но, тој и неговите адвокати поднесоа жалби против решението на судијата за извршување санкции кој постапува по предметот. Од судот информираат дека од денеска тече рокот од три дена во кои Кривчниот совет треба да донсе одлука по жалбите.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Република Полска во земјава, Војчех Јежи Тичињски.

– Вицепремиерот Османи најпрвин упати честитки до амбасадорот Тичињски за именувањето на оваа функција, при што потенцираше дека за нашата земја од особено значење е поддршката и помошта од Република Полска за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската Унија и притоа изрази надеж дека ваквиот пристап на соработка ќе продолжи во текот на неговиот мандат. Обврските кои произлегуваат од јунските самити претставуваат обврски за нас за кои постои целосна посветеност не само на Владата, туку и на севкупниот значаен општествен и политички фактор, истакна Османи, посочувајќи и на Полското искуство во преговорите како значаен инпут за подготовка на преговарачката структура за унапредување на ефикасноста во преговорите, соопшти СЕП.

Османи истакна дека поддршката од Полска, како билатерална, така и на евроинтегративен процес, Македонија ја смета за особено важна, не само како политички став внатре во Европската Унија, туку и како суштински придонес во создавањето на поддршката на процесот на проширувањето и меѓу земјите од Вишеградската група.

Тој го информираше амбасадорот Тичињски и за најновите политички актуелности, односите со Грција, процесот на имплементација на Договорот од Преспа, но и за текот на имеплементација на реформите од Планот 18.

Во текот на разговорот двајцата соговорници изразија взаемно уверување за натамошно зацврстување на пријателските врски меѓу двете земји, преку унапредување на соработката во сите сфери од взаемен интерес.

Предлозите на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата „За подобра Македонија“ Владата ќе ги вгради во нацрт-текстот на амандманите што денеска треба да ги достави до Собранието. Координаторката на пратеничката група Елизабета Канческа Милевска на прес-конференција соопшти дека се известени од Владата дека нивните предлози се прифатени.

Владата денеска на седница го усвои текстот на нацрт-амандманите на Уставот на РМ согласно договорот од Преспа и заклучоците на македонското Собрание.

Текстот на нацрт-амандманите е објавен на веб страницата на Владата на РМ.

МИА иннтегрално ја пренесува содржината на Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија:ТЕКСТ НА НАЦРТ – АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција

АМАНДМАН XXXIII

Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.

АМАНДМАН XXXIV

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

АМАНДМАН XXXV

Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Со точката 1 на овој амандман се дополнува членот 3.
АМАНДМАН XXXVI

Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ТЕКСТОТ НА НАЦРТ – АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI
НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Образложение на Амандман XXXIII

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Притоа, согласно Конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.

Понатаму, во согласност со договорот, со уставен закон ќе биде утврдена примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.

Образложение на Амандман XXXIV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата се вршат соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно се внесува Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Исто така, во Преамбулата се споменува и Охридскиот рамковен договор, кој веќе е вграден со уставните амандмани од 2001 година.

Образложение на Амандман XXXV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Со Договорот се потврдува постоечката меѓусебна граница меѓу Република Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, и Република Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било претензии кои може да ги изнесат трети страни.

Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.
Исто така, двете држави презедоа обврска во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница.

Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.

Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така, со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.

Со новиот уставен амандман кој се предлага се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Образложение на Амандман XXXVI

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Согласно Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година кој предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со уставниот амандман кој се предлага се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста за насилството врз новинарите, со само една пресуда за вкупно 54-те напади врз новинарите во последните пет години.

Казната од шест месеци затвор за Матија Каников, кој на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, ја нападна новинарската екипа на А1 Он, е првата пресуда со која напаѓач на новинар во Македонија е осуден на затворска казна, со што се прекина повеќедецениската политика на неказнивост за напади врз новинари.

ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш, во пресрет на денешното одбележување на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста за насилството против новинарите, ја поздравува оваа одлука на судот, како јасна порака дека системот не смее да толерира насилство врз новинарите. Истовремено, ваквата пресуда влијае позитивно и на зголемување на безбедноста на новинарите, која е основен предуслов за тие слободно, непристрасно и без страв да истражуваат и известуваат.

Системот мора да покаже и докаже дека ги штити основните човекови права и слободи, како што е слободата на говор!

Во таа смисла, ЦИВИЛ ги охрабрува институциите, и особено, Основното јавно обвинителство, да продолжат да работат во насока на заштита на новинарите и на медиумските работници. Оваа заложба не смее да застане на една и единствена пресуда!

Со прегледување видео снимки од безбедносни камери денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

Во судница се присутни сите 33 обвинети. Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

На рочиштето прво беше пуштена снимка од камера 10 во Собранието, што ги покажува случувањата во малиот ходник кој води од холот Длаборез до Сала 3, односно собранискиот прес центар. Снимката почнува од 18.45 часот, во 18.52 се гледа првата група луѓе, меѓу кои обвинетите Никола Митревски, Стефан Младеновски, Младе Додевски, Дејан Давидовски, кој е во бегство, и Митре Митроповски.

Во ходникот се гледа раздвиженост на луѓе, меѓу кои и неколку лица со фантомки на главата. Обвинителката посочи неколку од обвинетите.

Постојано се гледа движење на луѓе низ ходникот. Во 19.38 на снимката во ходникот се гледа и службено лице од МВР, припадник на ЕБР.

Обвинителката Трајчевска посочи дека, од овој момент до 22 часот, обвинителството нема забележано моменти за овој случај. Судијката Кацарска, со оглед дека на снимката понатаму ги нема обвинетите, ја праша одбраната дали да се гледа целосно снимката, на што одбраната побара снимката да биде целосно прегледана.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со осумтемина пратеници кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени.

Оваа пратеничка група, чиј координатор ќе биде пратеничката Елизабета Канческа Милевска, се очекува денеска да има разговори со своите колеги од СДСМ во врска со нацрт уставните амандмани, во согласност со нивните четири барања доставени прд гласањето за уставните измени.

Во петокот, кога и формално ги потпишаа актите дека ќе настапуваат независно и самостојно во нова пратеничка група, дел од пратениците информираа дека групата ќе делува опозициски, но и дека се отворени за нови пратеници.

Во Собранието до пладне не беа пристигнати нацрт-амандмните за уставните измени и нема официјални најави кога би можело да се случи тоа. Петнаесетдневниот рок истекува во петок.

Иако беше најавен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Парламентот се уште не е доставен ниту Предлог-законот за амнестија.

Во Комисијата за финансирање и буџет, пак, започна расправата за ребачансот на Буџетот.

Почнува разгледувањето на предложениот ребаланс на буџетот за 2018-та во матичната собраниска комисија.Владиниот предлог за ребаланс на буџетот за 2018-та ќе почне денеска да се разгледува во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Ресорниот министер Драган Тевдовски ќе презентира државна каса чии приходна и расходна страна се намалени за по половина процент.

Расходите се намалуваат за 1,2 милијарди денари. Најмногу се крати кај капиталните инвестиции кај кои има забавена динамика. За Фондот за здравство, ПИОМ и за Агенцијата за вработување се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијари денари, а кон локалните власти се насочуваат 3 милијарди денари за да се справат со старите долгови.

Со ребалансот се предвидува стапка на раст на БДП од 2,8 насто во 2018-та, а буџетскиот дефицит останува непроменет 2,7%.