Теодор Чомовски е победник на снукер-турнирот „Скопје Опен 2017“

Иако може да се рече дека и пред натпреварувањето се знаеше дека квалитетот ќе биде на страна на гостите од Бугарија, снукер турнирот „Скопје Опен 2017“ донесе неколку позитивни изненадувања.

Како најголемо изненадување секако мора да се земе победата на младиот бугарски репрезентативец Теодор Чомовски, 19-годишно момче со македонско потекло, кому енергијата на родниот град му даде посебна сила во најтешките два меча. Во полуфиналето тој во крајно неизвесен и драматичен меч демонстрираше максимална концентрација против Монди Заја, еден од најдобрите играчи од Албанија, совладувајќи го со 3-2, додека во финалето го победи Братислав Крстев со 4-1, кој воедно му е тренер.

Тројца македонски играчи стигнаа меѓу најдобрите осум, односно до четвртфиналето, каде што беа елиминирани од финалистите, при што македонскиот шампион Павле Данилов загуби токму од победникот Чомовски (3-0), Борис Белески беше поразен од Братислав Крстев (3-0), а Берат Јашари на крајот му честиташе на Монди Заја (3-0). Претходно, во осминафиналето настапија и Александар Мановски, Марко Кнежевиќ, Даниел Стојковиќ и Горан Ѓурчиновски.

Една од најсветлите точки на настанот беше магијата што ја донесе најмладиот учесник со само 11 години, Кледио Качи, брат на супер ѕвездата од светот на билијардот, Кленти Качи. Тој сосема ги оправда епитетите кои му се даваат благодарение на потенцијалот да стане мега-феномен од овие простори, при што освен со својата игра, освојува и со неговата култура и познавање на спортот. Младиот Качи беше поразен во четвртфиналето од бугарскиот играч Давид Давитков, кој на крајот беше на делба на третото место.

Сите натпревари беа следени со бројна публика, а исто така и преку интернет преносите на „SnookerOn“. Беа бидени многу „брејкови“, меѓу кои највисок беше оној на финалистот Братислав Крстев со број на 60 врзени поени.

Овој турнир донесе и убави моменти во својот неофицијален дел, па така присуството на претседателот на албанската снукер федерација, Огерт Шкрепа, беше искористено за размена на искуства, како на организациски, така и на играчки, па и на судиски план, преку присуството на интернационалниот судија од Албанија, Ендмонд Ндоу. Исто така за пофалба е дрес-кодот на играчите кој беше типичен за врвните снукер турнири.

Следните снукер активности доаѓаат во февруари, кога македонските играчи по покана на организаторот ќе играат на Европското првенство во Софија, а потоа ќе биде организирана и работилница за тренери и млади играчи во „Гран клуб“ во Скопје.

Коментарите се затворени.