Тевдовски: 33,4 милиони долари грантови за градинки и социјални услуги

Грантови за општините за изградба на нови градинки, за реновирање на постоечки и пренамена на постојни објекти во институции за деца на предучилишна возраст, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворењето на првата градинка во општина Чашка, каде присуствуваше и министерката за труд и социјала Мила Царовска. Станува збор за проект во износ од 33,4 милиони долари, кој Светска банка, за време на Пролетните средби во Вашингтон, изрази интерес да го финансира.

Освен за изградба и реконструкција на градинки парите од заемот од Светска банка би се користеле и за подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, унапредување на наставните програми и обуки на кадрите. Исто така, ќе се доделуваат грантови и за други социјални услуги на локално ниво.

Министерот за финансии посочи дека во годинешниот буџет има определено значително повеќе средства за блок дотации за детски градинки или околу 1,6 милијарди денари. Предвидени се и средства за 200 нови вработувања во градинките како и за зголемување на платите на вработените за  пет отсто, почнувајќи од септември годинава.

Тевдовски рече дека во буџетот за 2018 има 58 милиони денари за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита.

Коментарите се затворени.