2,7 милиони евра за референдумот

ДИК планира да потроши близу 170 милиони денари за целосно спроведување на референдумот што треба да се одржи на 30-ти септември.

Наместо предвидените 3,4 милиони евра, Државната изборна комисија оценува дека референдумот ќе чини 2,7 милиони евра. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, вели дека се обиделе да ги рационализираат трошоците за организирање и спроведување на референдумот. Во Финансискиот план за распределба на средствата за референдум не се предвидени пари за надоместоци за членовите на ДИК. „Предвидени се 80 милиони денари за надоместоци за избирачките одбори, општинските изборни комисии и дипломатско конзуларните претставништва, но не и за ДИК“, рече Деркоски.

Од Државната изборна комисија го појаснија и начинот на пријавување за гласање на дијаспората. Според нив, оние што се на привремен престој во странство или подолго време се на посебниот избирачки список, мора да се пријават во дипломатско- козуларните претавништва или по електронски пат, во периодот од 9-ти до 23-ти август годинава.

ДИК ја разгледа и усвои одлуката за изменување на Роковникот за извршување на дејствијата за спроведување на референдумот. Комисијата ја усвои и Одлуката за формирање на две помошни тела од 130 лица за поддршка на работата на ДИК при спроведувањето на изјаснувањето.

Коментарите се затворени.