Не смее да се толерира насилство врз новинарите!

Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста за насилството врз новинарите, со само една пресуда за вкупно 54-те напади врз новинарите во последните пет години.

Казната од шест месеци затвор за Матија Каников, кој на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, ја нападна новинарската екипа на А1 Он, е првата пресуда со која напаѓач на новинар во Македонија е осуден на затворска казна, со што се прекина повеќедецениската политика на неказнивост за напади врз новинари.

ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш, во пресрет на денешното одбележување на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста за насилството против новинарите, ја поздравува оваа одлука на судот, како јасна порака дека системот не смее да толерира насилство врз новинарите. Истовремено, ваквата пресуда влијае позитивно и на зголемување на безбедноста на новинарите, која е основен предуслов за тие слободно, непристрасно и без страв да истражуваат и известуваат.

Системот мора да покаже и докаже дека ги штити основните човекови права и слободи, како што е слободата на говор!

Во таа смисла, ЦИВИЛ ги охрабрува институциите, и особено, Основното јавно обвинителство, да продолжат да работат во насока на заштита на новинарите и на медиумските работници. Оваа заложба не смее да застане на една и единствена пресуда!

Коментарите се затворени.