МЗШВ: Потпишани се четири нови проекти на ФАО

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска потпиша четири нови регионални проекти на ФАО, во вкупен износ од 1.5 милиони американски долари.

„Овие проекти се голем придонес кон решавање на актуелните прашања во регионот и подобра координација во справување со заедничките проблеми. Приближувајќи ги иновативните меѓународни практики и глобалните стандарди, ФАО во наредниот период ќе ни помогне да ги оствариме целите предвидени во стратешките документи, како и законските обврски, и успешно да ги спроведеме мерките во програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој“, изјави Николовски.

Првиот Проект е насочен кон подобрување на контролата на штетници на растенија и системот за фито-санитарна сертификација и предвидува низа специјализирани обуки за сите чинители во фитосанитарниот систем. За вториот Проект, итно справување со Африканска свинска чума на Балканот, е многу важно навременото вклучување на Република Македонија како дел од регионот каде се појави оваа сериозна болест. Третиот регионален проект со кој ќе се развива Стратегија за намалување на загуби и отпад од храна, доаѓа во вистинско време и се совпаѓа со еден од стратешките приоритети на Владата на Република Македонија. Последниот Проект е во областа на рибарството и аквакултурата и овозможува помош во креирањето на политиките во рибарството, преку согледување на моменталните состојбите, проценка на постоечките практики, нивна усогласеност со добрите меѓународни практики и нивен понатамошен развој.

Отпочнувањето на овие проектите е планирано во првите месеци од 2019 година, а МЗШВ и сите вклучени институции ќе ги стават на располагање потребните ресурси, за да се обезбеди не само успешно спроведување на овие проекти, туку и одржливост на сите преземените мерки, по нивно завршување

Република Македонија и ФАО имаат долгогодишна успешна соработка, заснована на бројни проекти и програми, кои се од голема помош во процесот на трансформација на земјоделството и неговото прилагодување кон политиките и стандардите на Европската Унија. Во јули годинава, Република Македонија ја потпиша Програмската рамка со Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) за периодот 2018 – 2020 година, со која се поставуваат приоритетните области за Владата на Република Македонија.

Коментарите се затворени.