Премиерот Заев на Самитот на ЦЕИ во Загреб: Македонија е подготвена да учествува во позитивните процеси во регионот и да придонесува во регионалната и европската стабилност и економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествува на Самитот на шефови на влади на Централно Европската Иницијатива во Загреб, чијшто домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

На Самитот, чијшто фокус се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот, се претставници од 18 земји членки, меѓу кои и премиерите на Албанија и на Словачка, а на Самитот се присутни и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Премиерот Заев, во обраќањето испрати порака дека Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој.

„Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, низ добрососедски односи, и во овој контекст, постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот“ рече премиерот Заев.

Тој ги посочи договорите со Бугарија и со Грција како важни во оваа насока и во обраќањето упати благодарност до бугарскиот и до грчкиот премиер, Бојко Борисов и Алексис Ципрас за придонесот во стабилизацијата на билатералните односи со Македонија, што придонесува и кон стабилизацијата во регионални рамки.

На Самитот, посебно е нагласена важноста на економското поврзување на државите како и придонесот на земјите во справувањето со мигрантската криза.

„Македонија е европска земја и во географска и во политичка смисла. Преку неодамнешната бегалска криза, покажавме дека сме сигурен партнер во справувањето со безбедносните предизвици на Европа. Она што е значајно, е тесна соработка и координација за заштита на границите. Во овој момент и почитувајќи го присуството на комесарот Хан, би сакал да потврдам декаМакедонија останува близок партнер на земјите со коишто веќе успеавме да оствариме успешна билатерална соработка како и во стратешките чекори на овој план“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, во врска со економската соработка, рече дека таа е важен сегмент од евроатланска интеграција на Македонија и на регионот.

„Нашата економија е главно поврзана со економиите на ЕУ и економиите од Западен Балкан. Напредокот во интеграцијата во ЕУ и НАТО носи поволни економски резултати. Јас сум и повеќе уверен дека сме на вистинскиот пат и за вашата поддршка и разбирање за ова. Реформите што ги правиме на домашниот план се насочени кон воспоставување демократска клима што ќе ја олесни фер конкуренцијата. Исто така, ги вклучуваме и бизнис и научните заедници во дизајнирањето на нашата долгорочна стратегија за меѓусебна поврзаност. Во напорите да одговориме на идните предизвици, ние особено треба да се фокусираме на прашањата на науката и младите, затоа што континуирано ширење на знаењето е предуслов за напредокот. Затоа, ние целосно го поддржуваме акцентот на науката и шансите за младите“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, ја поздрави одлуката на Италија, да го преземе претседавањето со ЦЕИ во наредната година 2019 година и изрази уверување дека земјата ќе продолжи да има улога на силен поддржувач на проширувањето и интеграцијата на ЕУ.

Тој ја поздрави и улогата на ЕБРД во напорите за клучни решенија за стратегиски прашања во транспортот и енергетска меѓусебна поврзаност.

Сите други говорници, како и еврокомесарот Хан, испратија пораки за важноста на стабилноста и на економската поврзаност, и посебно на регионалната соработка, како важни за просперитетот на државите, нивните интеграции во ЕУ и за самата Европа.

Премиерот Заев во Загреб е придружуван од владина делегација во состав: Кире Наумов, заменик министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во МНР и советници.

Коментарите се затворени.