Иванов побара средства за канцеларии за неговиот иден кабинет

Кабинетот на претседателот во заминување Ѓорге Иванов побарал од владината Служба за општи и заеднички работи да му бидат доделени канцеларии што ќе ги користи по престанокот на функцијата, потврдија за МИА од СОЗР.

Од СОЗР велат дека писменото барањето од Иванов што пристигнало претпладнево, ќе биде одобрено. Станува збор за канцелариски простор што досегашниот шеф на државата веќе го нашол и бара да биде склучен договор за негово изнајмување.

Вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов му истекува на 12 мај.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.

Коментарите се затворени.