Претседателот Пендаровски прими делегација на Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација на Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ, предводена од претседателот Таки Фити.
На средбата беа разменети мислења за состојбите во Република Северна Македонија, при што беше констатирано дека МАНУ има клучна улога во развојот на нашето општество, преку науката и научната мисла, негувањето и унапредувањето на уметностите.
На средбата се разговараше за тековната работа на Академијата, како автономна институција и потребата од постојано инвестирање во науката, како клучен предуслов за одржлив општествен развој на Република Северна Македонија.
Академик Таки Фити го запозна Претседателот со активностите на Академијата кои вклучуваат голем број научно-истражувачки проекти и учество на домашни и меѓународни конференции.
Претседателот Пендаровски истакна дека е неопходно државата континуирано да ја консултира Академијата на науките и уметностите, за сите суштински прашања од политичката, економската, социјалната и културната област.
Делегацијата на Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски и изрази подготвеност за натамошна соработка во интерес на граѓаните и на државата.

Коментарите се затворени.