Од 142-ра седница на Владата: Усвоена информација за одбивање на барањето за издавање дозвола за „Иловица“; донесени предлог – закони за ратификација на спогодбите за отворање на 2 нови гранични премини со Грција; вишокот на храна ќе се распределува согласно закон

Министерството за економија на денешната седница на Владата на Република Северна Македонија информираше дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје. Во информацијата којашто денеска пред Владата ја презентираше Министерството за економија, утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација. По истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, Владата на Република Северна Македонија ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје.

На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот на храна. Според оваа информација, министерствата за труд и социјална политика и за локална самоуправа се задолжени, а на ЗЕЛС му се укажува, во рок од 15 дена да изградат заеднички став во однос на дефинирање на корисници на храната којашто ќе биде донирана, односно определување на критериуми коишто треба да ги исполнуваат корисниците на храна којашто ќе биде донирана, како и да изградат заеднички став во однос на мониторинг на распределбата на вишокот на храна до крајните корисници. Агенцијата за храна и ветеринарство има рок до петти август до Владата да го достави Нацрт законот за донирање на вишокот на храна.

Дел од одлуките од 142-та владина седница се предлог – законите за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахoи во Република Грција. Спогодбата е склучена на 2 април 2019 година во Скопје, врз основа на Преспанскиот договор. Во спогодбата се предвидува двете држави, на сопствената територија да ја изградат, реконструираат и надградат соодветната патна мрежа, како и сета останата инфраструктура потребна за функционирањето на граничниот премин.

Коментарите се затворени.