Средба на претседателот Пендаровски со швајцарската амбасадорка Тејада

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Швајцарската конфедерација, Сибиле Сутер Тејада.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Швајцарската конфедерација, при што беше изразено задоволство од развојот на соработката на билатерален и на мултилатерален план. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на високо ниво.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната помош и поддршка од Швајцарија за Северна Македонија, преку реализација на бројни проекти за подобро функционирање на институциите и за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните и изрази очекување таа да продолжи и во иднина.

Амбасадорката Тејада упати честитки до претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата и му посака успех во работата.

Коментарите се затворени.